И после „Ел Класико“ се е исто…Барса и Реал тивки во дербито, но во мртва трка за врвот

Првата мегапресметка на шпанските гиганти Барселона и Реал Мадрид донесе напаѓачки фудбал, нови каталонски транспаренти и проглас за независност на трибините и многу похрабри „кралеви“ на теренот, но немаше погодоци. Лионел Меси и соиграчите останаа тивки до самиот крај, Реал Мадрид заслужено остана непоразен, а повеќе од 100.000 гледачи на „Камп Ноу“ и сигурно повеќе од две милијарди крај малите екрани не видоа ниту еден погодок. По цели 17 години, „Ел Класико“ не понуди голови.

Постигна Герет Бејл во 73.минута, но не беше признат откако левиот бек Менди кој беше асистент во акцијата по прегледување на ВАР снимката се покажа дека е во офсајд ситуација.

Реал Мадрид уште од самиот старт почна офанзивно, се закани Бензема, одличен во средниот ред беше Валверде, а Барселона немаше противигра за разиграните „кралеви“. Во вториот дел, Лионел Меси ја имаше најдобрата шанса за Барса, но потфрли во последниот момент и не успеа да упати ниту удар кон голот на Тибо Куртоа.

Барселона и Реал Мадрид остануваат во мртва трка за врвот на табелата со по 36 бода, а на третата позиција е Севилја со пет бода помалку.

Се вчитува...