И Приштина сака во АБА, српските клубови не ја пуштаат

Собранието на АБА-лигата ќе се одржи на 24 мај и на него ќе се расправа за вклучувањето на Олимпијакос во регионалното натпреварување. Грчкиот гигант нема да биде единствениот што сака да стане дел од АБА-семејството, откако косовскиот првак Приштина исто така подготвил барање да му биде дозволено да учествува во ова натпреварување почнувајќи од наредната сезона.

Управата на Приштина објави дека е сериозно заинтересирана за вакво нешто, но и се пожали дека постои блокада од страна на српските клубови во АБА предвоени од Црвена звезда.

„Пред две години имав позитивен разговор со директорот на АБА, Крешо Новосел. Сите држави од регионот со исклучок на Србија и на БиХ беа позитивни за наше приклучување на проектот. Проблемот е политички бидејќи Црвена звезда и Партизан, а особено актуелниот шампион, сето тоа го гледаат низ политичка призма. Тоа не е нашата идеја, бидејќи знаеме колку конфликти имало на овие простори, а спортот е еден од најдобрите начини за надминување на тие проблеми. Немаме проблем и да играме во АБА2 и преку втората лига да се избориме за влез во елитното друштво, верувам дека таму не би имало тим што може да не запре“ – истакна Блеранд Ставлеци, претседател на Приштина.

 

Се вчитува...