Ибра: Сезоната не е завршена, сакам трофеј

Фудбалерот на Милан, Златан Ибрахимовиќ, истакна дека се надева на титулата во Серија А, откако неговиот тим го заврши натпреварувањето во Лигата на Европа. По ремито на „Олд Трафорд“ (1-1), тимот на Манчестер Јунајтед го победи Милан со 1-0 на реваншот на „Сан Сиро“ и обезбеди пласман во четвртфиналето од Лигата на Европа.

Ибра не го криеше разочарувањето од елиминацијата во Лигата на Европа, но најави дека Милан нема да се предаде и ќе се бори за освојвуањето на Скудето во Италија.

„Тоа е големо разочарување, сторивме сè како што треба во овие два натпревари. Направивме само една грешка и примивме гол. Требаше да ги искористиме нашите шанси. Не заслуживме да не елиминираат, но тоа е фудбалот. Во вакви моменти, мора да научиме, да продолжиме, сезоната не е завршена“, рече Ибрахимовиќ.

Милан во моментов е втор на табелата во Серија А, со девет бода помалку од водечкиот Интер.

„Сакам да освојам нешто. Во моментов сме втори на шампионатот, мора да се обидеме да дојдеме до титула. Доколку се пласираме во Лигата на шампионите, тоа ќе биде одлично, но целта е да го освоиме трофејот на Италија”, заклучи Златан.

Се вчитува...