Ибраими човек на одлука, Струга ТЛ со триумф над Будуќност

Фудбалерите на Струга ТЛ триумфираа со минимални 1-0 над Будуќност во првиот меч од Конференциската лига на УЕФА, заслужена победа пред се поради надмоќта што македонскиот првак ја имаше во првите 45 минути од овој дуел. Црногорците во вториот дел се консолидираа и целосно парираа на теренот, но како пресуден се покажа голот што го постигна Бесарт Ибраими во 30. минута, кога на асистенција на Радески ја смести топката вомрежата на црногорскиот шампион.

Уште од самиот почеток стана јасно дека стружани ќе го диктираат темпото, откако македонскиот првак целосно ја презеде контролата над средината од теренот. Ибраими ја имаше првата шанса откако одлично го исфинтира својот директен чувар, но друг дефанзивец на Будуќност стигна да го изблокира неговиот удар и да спречи рана радост. По десетина минути игра се закани и Радески, но неговиот шут од работ на шеснаесетникот беше одбранет од црногорскиот голман.

Стружани продолжија да доминираат, Ибраими го погоди и дирекот од голот на гостите, а Будуќност имаше многу среќа да остане со 11 играчи во поле по стартот на Гашевиќ над Радески на самиот раб од шеснаесетникот. Доминацијата на македонскиот тим конечно вроди со плод во 30. минута, гостите ја загубија топката на дваесетина метри од својот гол, Радески ја освои и одлично го проигра Бесарт Ибраими, кој од десетина метри откосо го матираше голманот на Будуќност.

Струга доминираше до крајот на првото полувреме, но ситуацијата се промени на стартот од вториот дел. Гостите од Црна Гора конечно се ослободија од притисокот, се полесно доаѓаа до топката на средината од теренот и не им дозволуваа на стружани така лесно да се преселат во противничкиот шеснаесетник како што тоа беше случај во првиот дел.

Напротив, Будуќност дури и се закани кон голот на македонскиот шампион, но за среќа ударот на Мирковиќ во 70. минута од дваесетина метри беше за малку непрецизен. Стругата најубавата шанса во вториот дел не ја искористи во 73. минута, кога Ибраими одлично нафрли од десната страна, но Радески задоцна за секунда, не успевајќи од пет метри да ја смести топката во мрежата. Кога веќе не успеаја да ја продолжат иницијативата од првото полувреме, стружани се сконцентрираа на чување на минималното водство, во што успеаја благодарение на одличниот Радиќ во одбраната, кој во старт ги запираше сите малку поопасни акции на гостите.

Струга ТЛ ќе патува со предност од еден гол на реваншот во Подгорица, но Будуќност со прикажаното во второто полувреме најави дека е подготвен за максимална борба за пласман во следната рунда.

Се вчитува...