Илиевски: Самостојна кандидатура за напредок на кошарката

Веќе нема никакви дилеми, Владо Илиевски е главниот фаворит за нов претседател на Македонската Кошаркарска Федерација, во очекување в понеделник на Собранието на МКФ да му биде изгласана недоверба на досегашниот претседател Петар Наумоски. Илиевски само половина година по завршувањето на кариерата е подготвен повторно да му се врати на својот спорт, пред се со желба да помогне кошарката да ни застане на здрави нозе и да престане тонењето на спортот во кој го имавме најголемиот репрезентативен успех на големите натпреварувања.

Свесен сум за честа, но пред се за одговорноста што ја носи оваа функција, но исто така и сум убеден дека можам да помогнам кошарката повеќе да не оди наназад, туку да почне чекори напред. Она што сакам јасно и децидно на почеток да го кажам е дека мојата кандидатура е самостојна, верувам дека ја имам поддршката на мнозинството и затоа не би сакал да навлегувам во било какви комбинации за кои во кошаркарските кулоари се шпекулираше во изминатиот период. Она што ќе ми биде прва одлука е враќањето на неплатената функција на претседател, како што е секаде во светот бидејќи првиот човек на федерацијата никако не треба да заработува од неа“ – дециден е Илиевски.

Фаворитот за нов претседател воедно е решен да продолжи со заштитата на домашните играчи.

„Ова е македонска кошарка и македонските играчи и нивната заштита мора да ни биде приоритет. Она правило што беше воведено за задолжителен настап сигурно ќе биде задржано, а во иднина ќе се разгледуваат и нови методи и модуси со кои македонските играчи би добивале поголема шанса да ги покажат своите квалитети“ – порачува долгогодишниот македонски репрезентативец.

Со промената на дел од законските акти и зголемената помош од Агенцијата за Млади и Спорт, сега во МКФ влегуваат значително поголеми суми од претходно. Илиевски е подготвен со дел од овие пари да им помогне на клубовите.

Целта е укинување или намалување на сумата за котизација. Во младинските лиги не би требало да се плаќа за да се учествува, додека кај прволигашите сумите би биле значително намалени. Сето тоа би го направиле за тие пари потоа наместо кон федерацијата да се насочат кон самиот клуб, за развој на истиот“ – вели Владо Илиевски.

Воедно, тој најавува и стратегија за враќање на бизнис-секторот во кошарката, нешто што исчезна во изминатите години, кога речиси сите клубови стана „општински“. Покрај тоа, Илиевски е подготвен и за низа реформи од неколку различни аспекти во работата на МКФ, но за нив подетално ќе говори во периодот што следи… откако би била изгласана недоверба за Петар Наумоски на Собранието на МКФ закажано за 25 декември.

Се вчитува...