Илиќ: Чест беше да се игра против тим на мојот „учител“ Дејвис, скопската публика е неверојатна

Унгарскиот Веспрем и повеќе од задоволен ќе го дочека Вардар за шест дена, откако вечерва во првиот натпревар во „Јане Сандански“ славеше со убедливи 22-30.

Тренерот на Унгарците Момир Илиќ изјави дека му е чест да игра против својот учител Дејвис и уште еднаш напомена дека публиката во Скопје е неверојатна.

„Честитки за моите играчи за победата. Давид беше мој тренер и од него научив доста и денеска ми беше мило што играв за првпат против негов тим. Неверојатна е атмосферата во Скопје и секогаш се воодушевувам на македонската публика. Задоволен сум од триумфот и мислам дека клучно беше тоа што на полувреме заминавме со предност“, изјави Илиќ. 

Со тренерот се согласува и Адријан Сипош…

„Сакам да им честитам на Вардар за играта. Атмосферата во Скопје е неверојатна. Јас првпат настапувам тука и имам само пофални зборови за навивачите. Среќни сме што на крајот стигнавме до победа“, вели Сипош.

Реванш натпреварот меѓу Веспрем и Вардар ќе се игра за шест дена во Унгарија со почеток во 18.45 часот.

Се вчитува...