Им се одмаздивме на Естонците, се трасира патот кон првото место и во новата сезона од Лигата на нации

Македонската репрезентација дојде до посакуваната победа против Естонија во претпоследниот натпревар од Ц-лигата во Лигата на нации, славејќи со 2-1 на арената „Тодор Проески“. Повеќе од заслужена победа на избраниците на Игор Ангеловски која можеше да биде и далеку поубедлива доколку беа искористени бројните шанси во второто полувреме. Но, на крај, сето тоа доволно за трасирање на патот кон првото место во групата.

Првата убава можност Македонија ја имаше во 20. минута кога Иван Тричковски зафати одлично една топка од работ на шеснаесетникот со волеј удар, но заврши за малку над гредата од голот на Естонците.

Креида во 23. минута на спротивната страна имаше одлична шанса. Шутираше силно од одлична позиција од 16 метри, но Шишковски извонредно одбрани по што опасноста беше расчистана.

И, разигрувањето на македонските репрезентативци конечно заврши во 29. минута кога по нафрлувањето од слободен удар на Трајковски, Спировски шутира од 20 метри а топката ефектно на 5-6 метри ја зафаќа Иван Тричковски и мајсторски погодува за 1-0. Запишувајќи го Тричковски шестиот свој гол во националниот дрес.

Во 33. минута повторно одлична шанса за Тричковски но овој пат нереализирана. Елмас прекрасно нафрли од левата страна, а пред голот на Естонците, Иван Тричковски со глава од неколку метри но на самата гол-линија одбрани противничкиот голман.

Само што почна второто полувреме, одличен шут во 46. минута на Елиф Елмас од 18 метри, но за малку покрај голот на противникот. Но, во 52. минута евро-гол на Естонците за израмнување. Сапинен прекрасно од левиот агол на шеснаесетникот шутираше во спротивниот агол од голот на Шишковски, и мајсторски погоди за 1-1.

Во 56. минута Александар Трајковски одлично шутираше од 15 метри откосо од десната страна, но Хеин брани не дозволувајќи ново водство на црвено-жолтите.

Во 64. минута повторно 100% шанса за Македонија. Гостинскиот голман спасуваше на самата гол-линија по обидот на Тричковски со глава. Иако спорно се чини топката не ја мина гол-линијата со целиот свој обем. А, потоа се редеа извонредните можности. Во 66. минута прекрасен обид и на нововлезениот Стојановски но естонскиот голман брани, па 100% шанса и за Бобан Николов кој откако изби сам пред голот на гостите шутираше од 12 метри непрецизно.

И, промашувањето не можеа да продолжат до недоглед. Па, по нов феноменален центаршут на Елмас од левата страна во 68. минута, Влатко Стојановски од неколку метри со глава го постигнува вториот гол во дресот на Македонија, за водство од 2-1.

Во продолжението активна игра на македонскиот состав. Бројни шанси се редеа пред голот на противникот, деби гол во националниот дрес можеше да запише и Љупче Дориев но естонскиот голман одбрани два убави негови обиди. На крајот за конечни 2-1.

Во последното коло од групата, на 18. ноември на Кипар, Македонија ќе игра против Ерменија за освојување на првото место во групата од новата сезона во Лигата на нации.

ЛИГА НАЦИИ – Ц ЛИГА (5. коло)
МАКЕДОНИЈА – ЕСТОНИЈА 2-1 (1-0)
Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје. Натпревар без публика. Стрелци: Тричковски 29′, Стојановски 68′ (М) – Сапинен 52′ (Е). Ж. картони: Николов, Спировски, Елмас (М) – Сапинен (Е).
МАКЕДОНИЈА: Шишковски, Бејтулаи, Велковски, Муслиу, Ристовски, Николов, Спировски (59′ Костадинов), Елмас (85′ Зајков), Трајковски (59′ Стојановски), Тричковски, Несторовски (78′ Дориев)
Селектор: Игор Ангеловски
ЕСТОНИЈА: Хеин, Тенице, Там, Мец, Пик, Аинсалу, Креида, Зенјов, Василјев, Сињавски, Сапинен
Селектор: Карел Волаид

Се вчитува...