Има за што да жалиме – по голема битка Грузија славеше во Скопје

Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе и четвртиот пораз во квалификациите за Светското првенство 2023. Како и пред три дена и овој пат подобра од нашата репрезентација беше Грузија која славеше со 65-79, во натпревар во кој крајниот резултат не ја даде реалната слика за нашата игра.

Македонија имаше шанса да приреди различен финиш на мечот во третата четвртина при резултат 52-54 имаше четири напади за водство, но на крајот преголемиот број на промашени зицери и избразани обиди скапо ги чинеа избраниците на Јончевски.

Натпреварот започна во одлично темпо на двете страни на треренот, а во однос на дуелот одигран во Тблиси видливо беше присуството на Димитријевиќ на теренот. Кошаркарот на Валенсија донесе стабилност, го диктираше темпото, најде решение во нападот каде покрај поените, асистираше и до соиграчите па „црвено-жолтите“ реализираа со 66 отстотност. Покрај тоа успеаја да ги лимитираат Грузиците на само осум постигнати поени во нашиот рекет, но не и да го лимитираат Макфаден, благодарение на кој Грузија остана на минимална негатива на 10. минути игра (21-18). Изедначениот натпревар продолжи и во поголемиот дел од втората четвртина во која Грузиците успеаја да ги лимитираат нашите бекови на тешки обиди, а влегоа и во серија за три поени на спротивната страна. Беришвили, Санадзе и Мекфаден беа успешни во своите обиди па на полувремето заминаа со предност од 35-43.

Изедначената игра продолжи и на отварањето на второто полувреме, а штом Македонија заигра добро во одбраната, проработе и нападот. Стојановски стигна до лесни поени, Димитијевиќ погоди за три па во еден момент разликата се намали на 47-50. Македонија можеше и до водство, но нерезонски беа промашени четири обиди по транзиција и втора шанса, а не беше искористен ниту бонусот на Грузија за лесни поени од слободни фрлања па тоа го искористија гостите за враќање на предноста на 52-58 по 30. минути игра. Во последните десет минути „црвено-жолтите“ продолжија да бркаат негатива, меѓутоа и покрај тоа што успеаваа да одиграат достојно во одбраната, не успеаја да го пренесат тоа во нападот. Промашените зицери и приговорите кон судиските одлуки скапо ја чинеа Македонија па Грузија на минута и пол до крајот стигна до двоцифрена предност со која беше одлучен победникот.

Предводник на Македонија со 25 поени и 7 скока беше Ненад Димитијевиќ, Војдан Стојановски постигна 13 поени, со 11 поени и 8 скока мечот го заврши Бојан Крстевски, додека двоцифен беше и Џејкоб Вајли кој на десетте поени додаде и девет скока. Кај Грузија Мекфаден постигна 24 поени и 5 асистенции.

Се вчитува...