Имобиле промаши пенал, но Милинковиќ – Савиќ го спаси Лацио од пораз

Лацио и Емполи одиграа супердраматичен натпревар на самиот почеток од 2022 година, ремизирајќи 3-3 со голот што во судиското продолжение за домаќините го постигна Сергеј Милинковиќ – Савиќ.

Емполи изненади со супериорниот старт, откако за неполни десет минути гостите поведоа со 0-2. Имобиле во 14. минута намали на 1-2, но Лацио и покрај поголемиот посед на топката се мачеше да создаде стопроцентна шанса за гол. На 2-2 на средина од второто полувреме израмни Сергеј Милинковиќ – Савиќ, но Емполи одговори со свој трет погодок, по што гостите се наоѓаа на чекор до изненадување на „Олимпико“. Лацио доби подарок пред самиот крај кога судијата покажа на белата точка по еден минимален контакт во воздушен дуел меѓу Пусето и Имобиле, но токму Имобиле го промаши досудениот пенал.

За Лацио да освои барем еден бод се погрижи Милинковиќ – Савиќ, кој се најде на вистинското место во судиското продолжение, биеше неодбранливо со глава од работ на петерецот и го спаси својот тим од пораз.

Во вториот меч што беше денеска на програмата од 14.30 часот Верона како гостин ја совлада Специја со 1-2. Гостите поведоа со 0-2 со двата гола на Капрари во 58. и во 70. минута, а Специја до крајот успеа само да го ублажи поразот преку Ерлик во 88. минута.

Се вчитува...