Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, потврди дека остварил телефонски разговор со претседателот на САД, Доналд Трамп, по скандалозната одлука за укинување на суспензијата на американскиот напаѓач Фоларин Балогун.
Првиот човек на светскиот фудбал призна дека Белата куќа покажала директен интерес за случајот, што веднаш ги подгреа теориите на заговор во спортската јавност дека ФИФА попуштила под силен политички притисок од Вашингтон. Инфантино сепак се обиде да ја смири ситуацијата и да ја одбрани независноста на организацијата, нагласувајќи дека Дисциплинската комисија донела автономна одлука заснована на правилниците, а не врз основа на надворешни влијанија. Потегот на ФИФА експресно предизвика лавина од остри реакции и незадоволство во фудбалскиот свет, каде што многумина сметаат дека со ова е сериозно нарушен интегритетот на натпреварувањето.
„Ги видов јавните коментари во врска со одлуката на независниот Дисциплински комитет на ФИФА поврзана со суспензијата на Фоларин Балогун и би сакал да го повторам еден основен принцип на управувањето на ФИФА.
Судските тела на ФИФА се независни. Тие функционираат автономно, го применуваат Дисциплинскиот кодекс на ФИФА и одлучуваат за случаите врз основа на важечките прописи и конкретните факти што им се предочени. Нивната независност е суштинска за кредибилитетот и интегритетот на фудбалот и тоа мора секогаш да се почитува.
Да, редовно разговарам за прашања поврзани со Светското првенство на ФИФА со претседателот на Соединетите Американски Држави и за ова прашање навистина добив повик од претседателот Доналд Трамп, исто како што добивам повици од шефови на држави, владини претставници, фудбалски чинители и деловни извршители од целиот свет за многу различни прашања. За време на нашиот разговор, објаснив дека постои тековен правен процес во кој се вклучени независните судски тела на ФИФА и дека случајот ќе биде решен навремено од надлежните органи. Така функционира системот на ФИФА и тоа е принцип што секогаш ќе го почитувам.
Ги читам одлуките на Дисциплинскиот комитет на ФИФА кога се објавуваат. Понекогаш сум изненаден од нив. Понекогаш се согласувам со нив, а понекогаш не се согласувам.
Но она што секогаш го правам е дека ги почитувам тие одлуки и автономијата на телата што ги донесуваат. Без разлика дали лично ни се допаѓа некоја одлука или не, тоа е ирелевантно. Почитувањето на независните институции и владеењето на правото е она што го штити интегритетот на нашите натпреварувања и кредибилитетот на ФИФА во секое време“, вели Инфантино.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
