Иниеста добива споменик во родниот град

Андрес Иниеста е „син на Барселона“, еден од најдобрите фудбалери во светот во последните петнаесетина сезони, но шпанскиот генијалец сето ова време со гордост потенцираше и дека е роден во Албасете. Тој настапуваше за локалниот клуб до 12-годишна возраст, по што се пресели во школата на Барселона „Ла Масија“, како почеток на неповторливата фудбалска кариера.

Градоначалникот на Албасете, Мануел Серано, денеска објави дека покренал иницијатива Андрес Иниеста да добие свој споменик во центарот на овој град.

„Андрес ги претставува најубавите вредности на нашето друштво – скромност, едноставност, посветеност. Ова е најмалку што можеме да сториме за него“ – изјави Мануел Серано.

Иниеста се наоѓа во Јапонија, каде настапува за екипата на Висел Кобе, но благодарност во негово име искажа татко му Хозе Антонио.

„Можеме само да му се заблагодариме на градот за оваа укажана чест. Мојот син секогаш беше амбасадор на овој регион, со гордост потенцираше каде е роден и каде израснал, иако голем дел од својот живот мина во Барселона“ – истакна „Иниеста сениор“.

Се вчитува...