Иниеста си замина од Јапонија, но и на 39-годишна возраст не оди во пензија

Андрес Иниеста стави крај на својата авантура во Јапонија објавувајќи дека на 1 јули ќе си замине од редовите на Висел Кобе. Шпанскиот генијалец беше главна ѕвезда на Кобе неколку години наназад, но сезонава многу ретко добиваше шанса од тренерот на екипата.

Откако настапи на само три натпревари во јапонската лига, 39-годишниот Иниеста реши да си замине од Кобе. Ветеранот сепак не размислува за пензија, туку е решен да одигра уште најмалку една сезона во друг клуб.

„Цело време верував дека ќе се пензионирам овде, тоа беше заедничка желба, моја и на клубот. Си заминувам поради недостигот на минутажа и фактот дека тренерот има некои други приоритети. Го почитувам и го прифаќам тоа“, изјави Иниеста.

Поранешниот фудбалер на Барселона одигра вкупно 133 натпревари за Висел Кобе, постигнувајќи 26 гола и 25 асистенции, притоа освојувајќи и два куп-трофеи со овој клуб.

Неофицијално, Иниеста има на маса понуда од американската МЛС-лига, а не се отфрла ниту можноста тој да замине во Саудиска Арабија.

Се вчитува...