Инсиње во трка со времето за да настапи на дербито против Интер

Италијанскиот репрезентативец Лоренцо Инсиње е во трка со времето, а лекарскиот тим се обидува да го оспособи за настап на претстојното дерби против Интер в сабота. Тој се здоби со непријатна повреда на препоните на мечот од Лигата на шампионите против Манчестер сити пред два дена, но, сепак, можно е да биде подготвен за да истрча на „Сан Паоло“ во првиот состав против „нероаѕурите“.

Според информациите од Италија, Инсиње се чувствува многу подобро, а во следните два дена ќе ги направи и неопходните тестови дали може да одговори максимално физички на оптоварувањето што го носи натпреварот. Доколку ги мине овие тестови, тогаш Маурицио Сари сигурно без размислување ќе го уфрли во стартните единаесетмина на „наполитанците“.

По осум одиграни кола, Наполи има максимален ефект во Серија А и вкупно 24 бода, а Интер е второпласиран, со само два бода помалку на врвот на табелата.

Се вчитува...