Интер е нов шампион на Италија – Аталанта се „лизна“ против Сасуоло

Интер од денеска и официјално е нов шампион на Калчо-лигата, прекинувајќи ја доминацијата на Јувентус, кој во последните девет години редовно се закитуваше со скудетото на италијанската фудбалска сцена. Аталанта не успеа да триумфира на денешното гостување против Сасуоло (1-1), со што „нероаѕурите“ и математички можат да бидат прогласени за нови прваци на Калчо-лигата.

Аталанта од средината на првото полувреме имаше играч помалку по црвениот картон на голманот Голини, но сепак успеа прва да поведе на овој меч. Сасуоло израмни од пенал на самиот почеток од второто полувреме, но Аталанта ја имаше најубавата шанса за победа, кога Муриел не искористи пенал за гостинскиот тим. Супердраматична ќе биде битката за место во ЛШ до крајот на сезонава, ако се знае дека моментно Аталанта и Милан се наоѓаат на делба од второто место со по 69 бода, Наполи е зад нив со 67, а Јувентус има 66 бода, но и меч помалку во пресрет на денешното гостување против Удинезе.

Елиф Елмас ги одигра последните десет минути за Наполи на дуелот со Калјари на кој „наполитанците“ ремизираа 1-1, губејќи два значајни бода во трката за нвјсио пласман. „Сино-белите“ долго имаа водство по голот на Осимен во 13. минута, но гостите од Сардинија стигнаа до израмнување со гол во 90. минута.

Болоња и Фиорентина ремизираа 3-3, меч на кој гостите од Фиренца трипати стигнаа до водство, но „болоњезите“ сепак се спасија од пораз благодарение на хет-трикот на Паласио, кој својот трет погодок го постигна во 84. минута.

Се вчитува...