Интер ги прибира странците – самоизолација, па тренинзи

Ширењето на коронавирусот во Италија го достигна врвот, бројот на починати и заразени лица од ден на ден се повеќе се намалува, па клубовите почнаа со планирање на активностите, со надеж дека до крајот на следниот месец ќе бидат овозможени услови за финиширање на сезоната.

Раководството на Интер веќе ги контактирало седумте странски фудбалери кои во изминатиот период се вратија во татковината, дека за една седмица ќе мора повторно да дојдат на Апенинскиот Полуостров. Во Италија се уште постои забрана за летови, но „нероаѕурите“ организирале со еден приватен авион на 13 април да ги соберат Уругваецот Диего Годин, Англичанецот Ешли Јанг, Словенецот Самир Ханданович, Хрватот Марсело Брозовиќ, Белгиецот Ромелу Лукаку, Данецот Кристијан Ериксен и Нигериецот Виктор Мозес, за сите заедно да пристигнат во Милано.

Согласно правилата, седумте фудбалери веднаш ќе заминат во 14-дневна самоизолација бидејќи доаѓаат од странски држави, а дури пред крајот на месец април ќе му се стават на располагање на тренерот Конте, кој во меѓувреме ќе ги стартува подготовките за завршницата од сезоната.

Интер по 26 одиграни кола е третопласиран, со девет бода заостанување зад лидерот Јувентус, но и натпревар помалку од водечките Јуве и Лацио.

Се вчитува...