Интер го дава Брозовиќ за Озил, на потег е Венгер

Интер планира да го искористи застојот во преговорите меѓу Месут Озил и Арсенал за веќе во јануари да го донесе германскиот генијалец на „Џузепе Меаца“. Договорот на Озил истекува на крајот од сезонава и (бидејќи преговорите за нов се во застој) зимскиот преоден рок ќе биде последна можност за „топчиите“ да заработат барем нешто на негова продажба.

Интер планира да го искористи тоа и да испрати понуда, и тоа не финансиска, туку за директна размена на Озил за Марсело Брозовиќ. Разликата во квалитет меѓу двајцата играчи е огромна, но паднатата цена на Озил е причината поради која „нероаѕурите“ се оптимисти дека би можеле да го доведат поранешниот играч на Реал Мадрид во своите редови.

Венгер се наоѓа пред тешка одлука, дали да го задржи Озил до крајот на сезоната, или да ја прифати загубата, па барем за него да го добие Брозовиќ, фудбалерот за чии услуги Арсенал се интересираше во претходните два преодни рока. Една ваква размена би била извонреден бизнис за Интер, со оглед на фактот дека би добиле плејмејкер од светска класа за играч кој ионака не е стандарден кај тренерот Лучијано Спалети.

Се вчитува...