Интер го реши Сасуоло и го прескокна Лацио

Интер направи голем чекор кон обезбедување на место во ЛШ за наредната сезона откако „нероаѕурите“ по голема борба славеа над Сасуоло со 4-2. Тренерот Инзаги одмори дел од првотимците во пресрет на реваншот со Милан од полуфиналето во Лигата на Шампионите, но „нероаѕурите“ сепак упеаја да дојдат до цел плен, максимално користејќи ги „киксовите“ на Милан, Лацио и на Аталанта викендов во фудбалска Италија.

Почетокот на „Џузепе Меаца“ беше интересен, најпрвин прецизно биеше Берарди за Сасуоло, потоа и Кореа за Интер, но и двата погодоци беа поништени поради офсајди во почетокот од акциите. Се чинеше дека на одмор ќе се замине без голови, кога Ромелу Лукаку блесна, постигнувајќи прекрасен погодок од 25 метри. Интер тргна фуриозно на стартот од второто полувреме, постигнувајќи уште два погодоци, најпрвин Руан во 55. минута си постигна автогол, а три минути подоцна „резервистот“ Лаутаро Мартинез зголеми на 3-0.

И кога се чинеше дека победата е осигурана, Сасуоло почна да напаѓа во бранови, на петнаесет минути до крајот намалувајќи на 3-2 со погодоците што ги постигнаа Енрике и Фратези. Гостите се обидоа да стигнат и до израмнување, но премногу се отворија, дозволувајќи Лукаку од контранапад во 90. минута да ги постави конечнтие 4-2.

Интер со овој триумф го прескокна Лацио на табелата и моментно е на делба на второто место со Јувентус, со по 66 бода, пред Лацио со 65, Милан со 61 и Рома со 58 бода и меч помалку.

Се вчитува...