Интер испушти победа, Манчини спаси бод за Рома

Интер втор меч по ред остана без триумф на стартот од 2021 година, ремизирајќи 2-2 на гостувањето против Рома. „Нероаѕурите“ имаа водство до пред самиот крај, но прераното повлекување во сопствената половина скапо го платија кога Манчини скокна највисоко и го матираше Ханданович, за шесто реми во низа на меѓусебните дуели на „нероаѕурите“ и „римската волчица“.

Вториот дел почна со одлична интервенција на домашниот голман по шутот на Лаутаро Мартиез, но тоа беше само најава за фуриозното полувреме на „нероаѕурите“. Шкринијар скокна највисоко по корнерот на Брозовиќ и израмни на 1-1, а пресвртот во 63. минута го комплетираше Ашраф Хакими, со извонреден удар со левата нога на десниот бек на „нероаѕурите“.

Римјаните се разбудија, заиграа далеку подобро, покажувајќи решителност да не го претрпат првиот домашен пораз сезонава. Ханданович имаше две одлични интервенции, но словенечкиот голман беше немоќен кога дефанзивецот Манчини биеше прецизно со глава, во долниот десен агол од неговиот гол.

По денешното реми, „нероаѕурите“ сега заостануваат три бода зад Милан во трката за скудетото. Рома останува на третата позиција, со три бода заостанување зад Интер, на „минус шест“ од лидерот Милан.

 

Се вчитува...