Интер одигра шампионски, Јуве капитулираше во Милано

Интер со фантастична игра успеа да слави на дербито против Јувентус со 2-0, земајќи го скалпот на актуелниот првак на Италија воедно и повторно истакнувајќи ја кандидатурата за освојување на скудетото. „Нероаѕурите“ одиграа одлично, постигнаа голови на почетоците од двете полувремиња, што им овозможи целосно да го контролираат темпото на мечот, не дозволувајќи им на „црно-белите“ од Торино да влезат во посакуваниот ритам.

Гостите први ја затресоа противничката мрежа, но тој погодок беше оправдано поништен поради офсајд. Набрзо потоа Интер поведе, во 12. минута Барела одлично нафрли од десната страна, а Артуро Видал со прецизен удар со глава донесе огромна радост меѓу „нероаѕурите“. Домаќините до крајот на полувремето требаше да водат и со 2-0, но Лаутаро Мартинез се посрамоти со големо промашување по одбиената топка од Шчешни по ударот на Лукаку.

Барела беше стрелец на вториот гол на почетокот од второто полувреме, италијанскиот репрезентативец одлично натрча по долгото додавање на Бастони и со силен удар го матираше гостинскиот голман. Пирло ги уфрли во игра Кулушевски, Мекени и Бернардески, но Јуве вечерва беше немоќен, а Интер сосема заслужено стигна до победата.

„Нероаѕурите“ со ова реми се израмнија со Милан на врвот на табелата, но „росонерите“ утре ќе го играат својот меч од ова коло, на гостински терен против Калјари.

Се вчитува...