Интер се искачи на врвот на Серија А – лесна победа над Калјари за „плус еден“ пред Милан

Интер славеше над Калјари со 4-0 за петта победа во низа, резултат со кој избраниците на Симоне Инзаги ги искористија „киксовите“ на Милан и на Наполи викендов и се искачија на првото место на калчолигашката табела. Вечерашната победа е наполно заслужена со оглед на апсолутната доминација на „нероаѕурите“ на овој меч, на кој Калјари лесно можеше да доживее уште поголема катастрофа доколку на голот го немаше фантастичниот Крањо.

Лаутаро Мартинез го отвори резултатот со прецизен удар со глава по корнерот на Чалханоглу, а „нероаѕурите“ пред крајот на првото полувреме промашија три зицери и еден пенал (Лаутаро), период во кој Крањо блескаше на голот на Калјари. Јасно беше декагостите нема да можат долго да го издржат ваквиот налет на актуелниот првак, па Алексис Санчез и Чалханоглу погодија за водство од 3-0 и разрешување на сите дилеми околу победникот на оваа средба.

Гостите капитулираа по евроголот на Чалханоглу, па Лаутаро со својот втор гол зголеми на 4-0, по извонредната контрола на гради по додавањето на Барела.

„Нероаѕурите“ со оваа победа имаат 40 бода, еден повеќе од второпласираниот Милан, зад кого следат Аталанта со 37, Наполи со 36 и Фиорентина со 30 освоени бода.

Се вчитува...