Интер со „петарда“ во Салерно испиша историја

Интер во голем стил се зацврсти на чело на калчолигашката табела откако актуелниот првак славеше со убедливи 0-5 на гостувањето против Салернитана. Тренерот Инзаги реши да одмори неколку првотимци, дуелот го почна без Лаутаро Мартинез, но тоа не се одрази врз изданието на неговите избраници, кои одиграа беспрекорен меч, полнејќи ја до врв мрежата на домашниот состав.

Серијата голови ја отвори Перишиќ по корнерот на Чалханоглу, на 0-2 зголеми Дамфрис на асистенција на Един Џеко, за во второто полувреме меѓу стрелците да се запишат и Алексис Санчез, Лаутаро Мартинез и Галјардини.

Она што е уште позначајно, Интер со ова диминантно издание испиша клупска историја, откако за првпат во постоењето на овој клуб „нероаѕурите“ успеаја да постигнат 100 гола во една календарска година во Калчо-лигата. Досегашниот рекорд беше 99 погодоци во 1950 година, „нероаѕурите“ досега имаат 103 гола, со можност уште повеќе да ја подобар оваа бројка на последниот овогодишен дуел, на домашен терен со Торино.

Интер стана четврти клуб во историјата на Серија А што стигнал до оваа фантастична бројка, Милан го стори тоа во 1949 година (105 гола) и во 1950 година (120 погодоци), „Гранде Торино“ постигна 111 погодоци во 1947 година и 114 гола една година подоцна. Јувентус само еднаш успеал да стигне до троцифрен број на голови во една календарска година, и тоа во далечната 1933 година (100 погодоци).

Она што е уште поинтересно,големи се шансите во оваа 2021 да имаме два тима со ваков подвиг, ако се знае дека Аталанта досега има 99 постигнати гола, со два меча што избраниците на Гасперини треба да ги доиграат до крајот на годината.

Се вчитува...