Интер летово значително ги засили своите редови, но „нероаѕурите“ веќе планираат и за ново суперзасилување за наредната сезона, во која Антонио Конте сака во Милано да го доведе Серхио Агуеро. Аргентинецот со години наназад е главен адут во нападот на Манчестер Сити, но договорот му истекува на крајот од сезонава, а Агуеро досега одби неколку понуди за продолжување на соработката.
Се поизвесно е дека овој врвен голгетер следното лето ќе си замине без отштета, а Агуеро веќе од 1 јануари ќе има можност да потпише преддоговор со новиот клуб. Интер будно ја следи ситуацијата и веќе подготвил и понуда – двогодишен договор за Аргентинецот за плата од 7,5 милиони евра по сезона, со што Агуеро би се израмнил со Лукаку како најплатен фудбалер во екипата.
На Конте му е јасно дека Лаутаро Мартинез е пред заминување, па трофејниот стручњак сака да го замени Аргентинецот со нов врвен голгетер. Агуеро досега најавуваше дека би сакал да се врати во татковината и таму да ја заврши кариерата, но понудата на Интер сигурно е супериорна од финансиски аспект од она што напаѓачот би можел да го добие од аргентинските клубови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА