Интер во акција – пред потпис со несуденото засилување на Јуве

Интер игра далеку од посакуваното ниво, а кинеските газди се подготвени да му дадат поддршка на Антонио Конте, но и повторно да инвестираат во нови фудбалери во текот на јануарскиот преоден рок.

Приоритет ќе биде засилување на средниот ред, а на врвот на листата со желби на директорот Марота се наоѓа Родриго Де Пол. Соиграчот на Илија Несторовски од Удинезе пред стартот на сезонава беше поврзуван со Јувентус, каде новиот тренер Пирло го бараше како главен плејмејкер во тимот. Сепак, двата клуба не се договорија околу отштетата, Аргентинецот остана во Удине, па сега Интер тргна во тотална офанзива за да го доведе на „Џузепе Меаца“.

Италијанските медиуми најавуваат понуда од 35 милиони евра, сума што Удинезе со оглед на големата криза поради коронавирусот нема да може да ја одбие. „Нероаѕурите“ овие пари ќе ги соберат од продажбата на Кристијан Ериксен, Данецот во јануари сигурно ќе си замине од Интер, а најверојатна дестинација за него ќе биде францускиот првак ПСЖ.

Се вчитува...