ИНТЕРВЈУ – Никола Ѓоргиев: Ќе ми беше дамка во кариерата, ако не игравме со репрезентацијата на ЕП

Никола Ѓоргиев – синоним за одбојка, лидерство, карактер, достоинство, спортист во вистинска смисла. Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација си го зазеде местото меѓу легендите на македонскиот спорт. И не само поради успехот годинава со националниот тим, туку и поради сите минати години во репрезентацијата кога со крената глава го предводеше тимот кој во различни периоди минуваше низ различни премрежја. Секако и поради богатата и успешна клупска кариера кој го прави одбојкарскиот Лазаров, Пандев и Антиќ. 

За него репрезентативните натпревари се поважни од клупските, смета дека би било дамка во неговата кариера ако како капитен не ја одведел репрезентацијата на Европско првенство, посакува нов настап меѓу континенталната елита, но посакува и ракометарите да ги достигнат олимписките височини, а фудбалерите да обезбедат историски пласман на ЕП. Во интервју за ЕКИПА.МК зборува за репрезентативниот успех, значењето на капитенската лента, потенцијалот на македонската одбојка.

2019 година останува запаметена засекогаш во историјата на македонскиот спорт поради дебитантскиот настап на одбојкарската репрезентација на Европско првенство. Годината секако е историска за вашата генерација репрезентативци кои го донесоа овој успех. Како од оваа дистанца, по неколку поминати месеци гледате на успехот кој го направивте, прво во квалфикациите, а потоа и на ЕП?

2019 е една од најубавите години во мојот живот и една од најубавите години за македонската одбојка бидејќи ние успеавме да го оствариме сонот кој го сонуваа многу генерации. 9. јануари секогаш ќе остане во моето срце, чекавме да завршат двете средби па и ние да победиме за да го обезбедиме пласманот. Потоа и 12. септември е посебен датум бидејќи тогаш дебитиравме на Европското првенство. Првата победа на 16. септември, втората победа 17. септември и студениот туш на 18. септември. Секогаш ќе ги паметам. Од оваа дистанца можам само да бидам горд. Дури сега почнувам да сфаќам, откако ги гледав натпреварите со Белорусија и со Словенија, гледам само победи и сфаќам колку навистина сум горд. Покажавме дека Македонија има квалитет. Не бевме само учесници, против сите освен со Русија одигравме одлично. Ни фалеше смиреност во средбата со Финска за да биде поинаков резултатот. Едвај чекам да го почнеме новиот циклус. 

Неизбежно е да се констатира вашиот огромен придонес во националниот тим, прво на теренот, а потоа и како највлијателен член на составот кој има силен печат во ликот на репрезентацијата. Какво е чувството да се биде лидер на генерација со историски успех?

Во 2011 кога имав само 23 години ме избраа и до денеска сум капитен. И горд сум што сум капитен и на претходните и на оваа генерација со која успеавме да одиме на ЕП. Ќе беше дамка во мојата кариера ако не успеев да ја однесам репрезентацијата на Европско првенство. Имам голема одговорност. Мене натпреварите со репрезентацијата ми значат повеќе од било кој клупски натпревар. Мразам да губам со репрезентацијата. Кога губиме со репрезентацијата не е лесно да се биде во моја околина. Затоа им благодарам на момците кои се со мене во добри и во лоши моменти. Кога победуваме пак, не постои посреќен човек од мене. Во двете победи на ЕП немаше посреќен човек од мене на целиот свет. Затоа пак со ист толкав интензитет бев бесен кога не се пласиравме понатаму. Имам привилиегија да работам со одлични момци, пред се големи луѓе и одлични играчи. Многу е лесно да се соработува со нив. Среќен сум бидејќи сите заедно правиме една целина. Бидејќи, капитен и лидер не може сам, без екипа која ќе остави срце на терен како што тоа ние го правиме. Затоа сум горд на нив и на сите наши заеднички успеси.

Очекувањата од вас се сега многу поголеми. Главниот исчекор е направен. Обезбедено е првото учество на Европско првенство. Сега на вас се гледа како на тим кој треба да продолжи по оваа патека, да направи континуитет па дури и резултатски исчекор. Се согласувате ли со овој впечаток ?

По тој тежок 18. септември реков дека ние како репрезентација мораме да го задржиме континуитетот. И за нас и за идните генерации. Пресреќен сум што се пријавивме во Златната Европска лига. Тоа ќе биде одличен предуслов, одлични натпревари за тоа што е најбитно, квалификациите. Ја прифаќаме одговорноста и не сакаме и ништо друго да разговараме освен Европско првенство 2021 година. Мислам дека го заслужуваме тоа. И таму треба да размислуваме за повеќе.

Дали и што би промениле во се она што се случуваше оваа 2019 година со репрезентацијата ? Можеше ли нешто поинаку или можеби подобро?

Ништо не би променил. Секако како што кажував и тогаш, би играл Европска лига и со тие натпревари ќе имавме помалку сувопарни подготовки во Маврово. Тоа би го дополнил. Но, ми беше феноменално.

Во 2020 година, одбојкарската репрезентација ја очекуваат нови предизвици, Златната Европска лига, нов квалификациски циклус ? Што мислите дека е реален дострел со кој би биле задоволен, а што е вашата желба за следната година?

За 2020 година сите да бидеме здрави и живи и кога ќе се собереме во мај да почнеме напорно да работиме. Нема да се задоволиме само со играњето во Златната Европска лига. Колку и таа да ни е значајна за квалификациите кои се главната цел во ова лето. Во Златната Европска лига може се да се случи. Со добри подготовки, можеме со сите репрезентации да играме максимум. Не се плашиме и ќе атакуваме на нов Ф4. Круна на оваа година ќе бидат квалификациите за ЕП. Оваа година ќе бидат во август и во септември и се надевам дека ќе славиме ново Европско првенство без оправдувања.

На клупски план, имате нов тим оваа сезона, дали сте задоволен од изборот што го направивте? Што би сакале да постигнете на овој план?

Овој тим ми беше сон уште од дете. Веднаш ја прифатив понудата. Клубот е одличен. 13-кратен шампион на Германија и се освен титула е незадоволително. Сепак оваа сезона сме во специфичен процес на ремонт. Девет од 13 играчи се нови и се оди малку побавно. Наша цел е до мај да се кренеме на нивото на Берлин и да се бориме за титулата. Нема да биде лесно. ЛШ сме во тешка ситуација, имаме три натпревари, ни требаат победи за пласман понатаму.

Дали мислите дека успехот на репрезентацијата може конечно да биде моторот кој ќе ја придвижи одбојката во Македонија во вистинска насока ? Што треба се да се сработи за одбојката во нашата држава да биде на повисоко ниво ? Што и посакувате на македонската одбојка во следнава година ?

Сигурен сум дека успехот на македонската репрезентација може да биде моторот кој ќе ја придвижи македонската одбојка. Мора да кажам дека луѓето од федерацијта работат напроно, пријавени сме за Златната Европска лига. Добивме ЕП до 19 години за одбојкарки, кандидати сме и за организација група од на сениорското машко првенство, помагаат многу и телевизиските преноси секој понеделник.

Имам пријатели тренери и во Струмица и во Скопје и знам од нив дека има експанзија кај девојчињата за тренирање одбојка. Во машка конкуренција веќе не е само Џио Струмица, сега е силен и Вардар. Би сакал уште две екипи да се константно цела сезона на тоа ниво. Би сакал уште повеќе млади луѓе да тренираат одбојка и овој спорт да го направиме еден од најгледаните во Македонија.

Кои ви се желбите на приватен план? Што си посакувате за себе и за вашето семејство ?

Семејството и најблиските да се здрави, да се радуваме на нови успеси и победи и да ме заобиколуваат повредите како што тоа беше и досега. На спортска Македонија и посакувам се најдобро. Почнуваат ракометарите, да постигнат голем резултат, ќе одам и во Виена да ги гледам и сакам оваа генерација на Лазаров и Стоилов да се закитат со медал, а подоцна да одат и на ОИ во Токио 2020.

На фудбалерите им посакувам среќа во Лигата на нации, дај Боже да не израдуваат со Европско првенство и генерацијата на Горан Пандев да ни овозможи да гледаме елитен европски фудбал. Посакувам и Македонија да биде со што повеќе спортисти на Олимписките игри во Токио.

 

Се вчитува...