ИНТЕРВЈУ – Раул ГОНЗАЛЕС: Македонија за мене е се, без Македонија и јас не сум ништо!

Не е Хари Потер, ама дефинитивно, знае да направи ракометна магија. Не е „странец“ туку „наш Шпанец“, прв од сите други што научи и зборува на македонски на тајм-аутите и на пресовите.  Првиот збор му бил „здраво“, а сега вели „фала“ за се.

Тој не се фали и не „галами“, ама него сите го слушаат. Нему не му требаат седум во напад за да даде гол и пак победува. А, со одбраната прави „магија“ низ која тешко се поминува и со сите 16.

Го среди Веспрем во СЕХА. Го однесе Вардар во Келн, за два дена ги победи и Барселона и ПСЖ и се врати со европска титула во Лигата на шампионите. Салутираше пред македонската публика и стана омилен „ел команданте“ и ја заврши сезоната со вардарци со сите четири титули.

Во меѓувреме стана селектор на Македонија, во „незгодно време“. И кога малку кој веруваше, со „два и пол“ тренинга го победи Исланд, со „три“ веќе ја врати Чешка на -7 и ја однесе Македонија на ЕП во Хрватска.

Во новата сезона не го освои првиот Суперглоуб, ама потоа со Вардар направи магична серија од 21 натпревар без пораз. И од ПСЖ дојде понуда што не се одбива. Но, за Париз ќе размислува од јуни на француски.

Македонија не ја остава. Барем до Токио, таков е договорот. Кога успеа да донесе титула од ЛШ, сакаме и Олимпијада! А, тој вели „полека, не сум Хари Потер“.

Не, не е Хари Потер. Раул Гонлазес е!

raul5

ПОДОБРО ОД ОВА НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ

-Дали лани во ова време помисливте или посакавте една ваква успешна година?

„Не, не. Знам дека за мене ова беше одлична година, ама толку никогаш не очекував дека ќе биде така. Ние со Вардар победивме во Лигата на шампионите што е најголем успех, пред тоа игравме финале во СЕХА лигата против Веспрем. А, Веспрем играше полуфинале во Лигата на шампионите. Значи, ги победивме сите најдобри. Го победивме Веспрем, Барселона и ПСЖ. И го победивме Фленсбург во четвртфиналето. Одигравме многу добри натпревари. Повеќе не можев ни да очекувам. Подобро од ова не е возможно. Ова беше како сон.

-Наскоро со македонската репрезентација Ве очекува настапот на ЕП во Хрватска, потоа со Вардар продолжувате во ЛШ и во СЕХА. Може ли да продожи тој сон и во наредната година?

„Ќе биде убаво ако биде така, ама јас знам дека тоа е тешко. Здравје. Да имаме прво здравје тоа е најважно. Сега сме на пола-сезона. Ситуацијата е иста. Ги победивме сите натпревари во СЕХА лигата, не изгубивме ниеден натпревар во Лигата на шампионите. Ние сме во добра ситуација, само треба да имаме малку среќа, добро здравје затоа што сега не очекуваат најважните натпревари. Сега со репрезентацијата на Европското првенство, а потоа и со Вардар во Лигата на шампионите. Таму треба да имаш здравје и малку среќа. Ќе видиме.

НЕ ЗНАЕВ ШТО МОЖАМ ДА ОЧЕКУВАМ, А СЕГА ИМАМ СЕ…

Пред четири години дојдовте во Македонија на непознато, но многу брзо се вклопивте во македонскиот амбиент и постигнавте тоа што не му успеало на ниеден тренер досега. Каде беше предизвикот?

„Кога дојдов во Македонија не знаев ништо. Го прашав тогаш Алекс Душебаев кој беше овде во Вардар и тој ми објасни се. И кога дојдов тука многу се чудев затоа што на почетокот не знаев многу што да очекувам. Ама јас тука во овие четири години поминав одлично.

raul2

-Како би ги опишале тие четири години во Македонија од оваа перспектива сега?

„Македонија за мене е се. Зошто без Македонија и јас не сум ништо. За мене како тренер се се случуваше тука. И за тоа секогаш ќе бидам благодарен. Се чувствувам убаво тука, живеам тука, зборувам на македонски, се обидувам (се смее…). Започнав да тренирам со Вардар, сега и со репрезентацијата на Македонија. И на Македонија можам да и кажам само „фала“!

Која е тајната на успехот на Раул Гонзалес?

„Јас не сум „Хари Потер“. Јас сум само тренер, само можам да им помогнам. Сега јас сум многу задоволен како работевме со репрезентацијата и сме многу подобри како екипа. Кога тренираш со репрезентација немаш многу време. Малку по малку, сега сме заедно повеќе време. Трениравме една недела без натпревари. Таа фаза беше многу важна во подготовките. Ако сакаме да успееме треба да играме како екипа не како репрезентација. Па после ќе видиме“

Впечатокот е дека сите се опуштени и задоволни, Раул Гонзалес дава сигурност…

„Досега…“ (се смее)

ПРВИОТ НАТПРЕВАР КАКО ФИНАЛЕ

-Во овој состав на македонската репрезентација има искусни, но и дел ракометари од помладата генерација. Дали тој спој функционира како што посакувате?

„Групата е супер, ние се чувствуваме супер. Досега се е добро. На претходниот собир во октомври имавме многу повредени играчи, сега сите можат да тренираат. Меѓу нас има многу добра атмосфера. Не можам да посакам ништо подобро. Мислам дека на Европското првенство треба да одиграме како што игравме во квалификациските натпревари. Секогаш може да се одигра и подобро. Не знам каква е ситуацијата со противниците ќе чекаме да видиме по пријателските натпревари што ќе ги играат. Затоа што и Словенија и Германија кога играа пријателски натпревари на претходниот собир не беа во комплетен состав со сите играчи. Иста ситауација е и со Црна Гора. Ќе видиме како ќе бидат сега. Затоа што понекогаш не зависи од тоа како си ти, туку зависи и од тоа како се другите репрезентации.

raul7

-Ќе добијат ли поголема шанса младите играчи и колку тие се вклопуваат во вашата визија за играта на македонската репрезентација?

„Треба да игра најдобриот. Зошто да биде најмладиот или пак зошто тоа треба да биде најстариот? Треба да игра тој што мора да игра. Јас не гледам колку години имаат кога играат, туку како играат“

-Што ќе биде решевачко за успешен настап на Македонија на ЕП во Хрватска?

„Првиот натпревар. Кога играш европско или светско првенство, првиот натпревар е многу важен. Сакам сега да мислам само на тој прв натпревар со Словенија. Можеш да играш, можеш да изгубиш, но важно е како се чувствуваш на терен, како ќе почнеш, затоа што после нема време, не можеш многу да измениш . Затоа што некогаш сакаш да играш така, а сепак, нешто не функционира и не знаеш зошто. Ако на првиот натпревар не играш добро, тогаш на цело првенство нема да одиграш добро. Првиот натпревар за нас треба да биде како финале“

-Во последната фаза од подготовките пред ЕП, македонската репрезентација ќе одигра два контролни натпревари со Саудиска Арабија и со Србија. Дали тоа ќе ја комплетира сликата за потенцијалот и реалните можности на овој состав?

„За мене пријателските натпревари не се толку важни. Зошто? Затоа што кога играш пријателски натпревари само сакаш да пробаш нови работи. Понекогаш тоа функционира, понекогаш не, ама сепак пробуваш. И не играш како што играш на официјалните натпревари. Играш една одбрана, ама пробуваш нешто друго. Никогаш не е исто. Не е иста ни важноста и притисокот на пријателските и на официјалните натпревари и тоа секогаш е различно во играта“

Многу навивачи се подготвуваат да ја бодрат Македонија на ЕП во Хрватска, овде по правило, секогаш има големи очекувања од јавноста и вообичаена еуфорија што се создава околу репрезентацијата пред секој голем настап. Колку сето тоа создава притисок на играчите и на вас како селектор?

„Јас секогаш преферирам да играм тука во Скопје. Овде секогаш играме подобро со таа атмосфера и со навивачите. Надвор секогаш е потешко за нас. Во Загреб ќе има многу навивачи од Словенија, ама ќе има и многу навивачи од Македонија и атмосферата ќе биде супер. Притисок е притисок, ама тоа е и дополнителна мотивација.“

ЗА ПСЖ И ПОНУДАТА ШТО НЕ СЕ ОДБИВА

По селекторското деби со Македонија на ЕП и битката за одбрана на титулата во ЛШ со Вардар, 2018 година за Раул Гонзалес носи и преселба во Париз и нов предизвик на клупата на ПСЖ. Дали најавените промени во Вардар беа пресудни во одлуката да заминете во ПСЖ?

raul na sobir

„Не, не беше тоа. Јас имав шанса да одам во други екипи. Но не сакав да заминам, затоа што бев близок со Вардар, со мојата екипа, со претседателот на кого ќе му се заблагодарам затоа што тој реши јас да дојдам тука. Јас кога дојдов во Вардар не тренирав никого. За мене тоа беше многу важна ситуација. И после имав шанса да одам во други екипи, јас никогаш не сакав ни да разговарам за заминување, сакав да останам тука. Но, кога ми се јавија од Париз, знаев дека треба да одам. Шанса што не се пропушта“.

-Кого би го препорачале за свој наследник во Вардар?

„Клубот има претседател, има спортски директор и тие треба да одлучат. Тие го знаат моето мислење и јас мислам дека треба да прифатиме тоа што ќе одлучат“

-На два фронта – селектор на Македонија и тренер на ПСЖ. Има ли неизвесност и простор за дилема како ќе балансирате со обврските таму и тука?

„Ќе биде добро, затоа што кога игра репрезентацијата и сите ракометари од ПСЖ се ангажирани во своите репрезентации. Исто како што е сега со Вардар кој има добар тим составен од многу репрезентативци и кога е недела на ЕХФ или кога се репрезентативните настапи, нема никој во Вардар. Тогаш  јас како тренер можам да работам со репрезентација. Иста ситауција е со сите силни клубови во кои играат многу репрезентативци, со ПСЖ, со Барселона. Паски (Чави Пасквал н.з.) тогаш тренира со Романија, тренерот на Висла тренира со Полска… јас ќе бидам со Македонија“.

СО МАКЕДОНИЈА ДО ТОКИО, ВИЕ САКАТЕ СЕ!

raul1

-Кога ја прифативте понудата да бидете селектор на Македонија во едно интревју за шпанските медиуми рековте дека сакате да ја однесете Македонија на олимпијада. Останува ли тоа како главна цел во овој селекторски ангажман?

„Не дека ќе ја однесам, реков дека сакам да се обидам да отидеме на Олимпијада затоа што Македонија никогаш не играла на Олимпијада (не поправа јазично и се смее) – Нема да ме збуните.

-Македонија немаше ни европски шампион во ЛШ во машка конкуренција, па со Вардар успеавте да ја донесете титулата…

„Немаше ни второ, ни трето место, не играше ни полуфинале. И сега вие сакате се“ (се смее)

-Па, кога го имаме Раул Гонзалес на клупата, зошто да не?

„Јас не сум „Хари Потер“ ви кажав (се смее). Јас само сакам да се обидам да тренираме многу. Ќе видиме како ќе одат работите. Сега е уште далеку и рано е да се планира. Зависи против кого треба да играш. Треба да имаш и среќа ако сакаш да имаш шанса. Сите репрезентации сакаат да играат на Олимпијада. Ама, имаме шанса…“

-Олимпијадата е желба за олимписката 2020, но има желби и за оваа 2018 што е пред нас…

„Јас сакам во 2018 да се повтори 2017. Знам дека е речиси невозможно, ама јас сакам да бидеме на исто ниво. Никогаш не знаеш до каде можеш да стигнеш. Засега се е добро. Само да има здравје и среќа, и успех се разбира.“

Се вчитува...