Инзаги останува смирен: Ништо не е готово, има уште 90 минути за играње

Симоне Инзаги не го криеше задоволството по одличното издание на својот тим и победата од 2-0 во првиот полуфинален меч против Милан. Иако трибините на „Сан Сиро“ беа исполнети со навивачи на „росонерите“, избраниците на Инзаги фуриозно го почнаа мечот, постигнаа два гола во почетните десетина минути и на крајот заслужено стигнаа до победата.

„Многу сум задоволен, првото полувреме беше навистина неверојатно. Можевме да постигнеме и многу повеќе од оние два гола. Начинот на кој момците се бореа, ја покриваа секоја педа од теренот, тоа беше навистина извонредно да се гледа“, ги пофали Инзаги своите избраници.

Сепак, тренерот на Интер јасно стави до знаење дека не смее да дојде до никакво опуштање на реваншот што следната недела ќе се игра на истиот стадион.

„Ситуацијата ќе биде поинаква, на трибините ќе бидат нашите навивачи, но на сите ни е јасно дека ништо не е готово. Има уште 90 минути за играње и ние мораме да останеме максимално фокусирани како ина првиот натпревар“, порача Симоне Инзаги.

Се вчитува...