Искуството е адутот на Металург во Словенија

ЕКИПА во Словенија,

Стеван Цаневски

Ракометарите на Металург вечерва го одржаа првиот тренинг во Велење, каде утре ќе излезат на мегдан со Горење, во првата од двете битки со словенечкиот претставник за влез во групната фаза од ЕХФ-Купот. Македонскиот претставник сезонава настапува со подмладен состав, но тренерот Кастратовиќ е оптимист дека неговите ракометари поседуваат доволно искуство на меѓународни натпревари за да се снајдат во Велење и да стигнат до позитивен резултат пред реваншот што следниот викенд ќе се игра во Скопје.

„Како и секој тренер сум оптимист кога се работи за мојата екипа. Мобилни сме и сконцентрирани и фокусирани на играта. Предност за Металург? Она што може да биде предност за Горење е тоа што имаат повеќе квалитетни натпреварувачки средби и полн натпреварувачки ритам. За мојата екипа поголемо интернационално искуство за разлика од нивниот состав бидејќи единствениот кој може да им парира на нашите млади, а, сепак, искусни ракометари е Миклавчиќ кој има репрезентативно искуство зад себе. Младите играчи кај нас имаат играно за сите селекции на Македонија и во СЕХА и во Лигата на шампионите и тоа би требало да биде предност особено кога се работи за натпревар против екипа како Горење која според просекот на возраста е тука некаде како нашиот тим“ – истакна Зоран Кастратовиќ.

Добра вест за Кастратовиќ е враќањето на голманот Дупјачанец, а на утрешниот дуел својот камбек по неколку години пауза во дресот на Металург ќе го има и Велко Маркоски.

„Металурзите“ утре наутро ќе одржат уште еден краток тренинг, а натпреварот е закажан за 20 часот.

Се вчитува...