Ислами и Ивановски ветуваат државни рекорди на Европскиот тимски шампионат

Македонија претстојниов викенд ќе биде организатор на Европско тимско првенство – трета лига, на кое се очекува настап на преку 430 натпреварувачи од 14 земји. Главните адути на репрезентацијата на Македонија Дрита Ислами и Дарио Ивановски ветуваат одлични настапи и се надеваат дека во нивните примарни дисциплини ќе успеат да го соборат и националниот рекорд.

„Многу сум мотивирана бидејќи ќе настапам на стадионот на кој тренирам секој ден. Тежок викенд е пред мене бидејќи ќе настапам во дури шест дисциплини. Се надевам дека во мојата примарна дисциплина 400 метри со препреки ќе успеа да го срушам националниот рекорд кој е во мое сопствеништво и ќе успеам да обезбедам норма за Европското првенство во Париз следната година. Се надевам дека ќе имаме голема подршка од македонската публика“, изјави Ислами. 

Истиот став го има и Дарио Ивановски кој на шампионатот ќе настапи на 1500 и 3000 метри.

„Благодарност до атлетската федерација на Македонија и на сите кои работеа турбо да го организираат вака одлично шампионатот. Ќе настапувам на 1500 и 3000 метри и сакам да го соборам државниот рекорд и во двете дисциплини. Секогаш трчам своја трка и не ги глеам противниците. Ако успеам да го направам тоа, сигурен сум дека ќе имам одличен пласман“, вели Ивановски. 

Како делегат на натпреварувањето е поранешната oлимписка и светска шампионка, Романката, Габриела Сабо. Сабо и честита на Македонија за организацијата и им посака среќа на сите натпреварувачи да постигнат најдобри резултати.

„Ви честитам за одличната организација. Почестена сум што сум во Македонија. Ја прегледав патеката, и можам да заклучам дека таа е одлично подготвена. Во име на европската атлетска федерација им посакува многу среќа на сите атлетичари, бидејќи ова е тешка година во која не очекува и светско првенство“, изјави Сабо.

Натпреварите стартуваат в сабота попладне, а влезот е слободен и двата дена.

Се вчитува...