Исланд без одговор за моќната Шпанија

Шпанија е рамо до рамо со Македонија и со Хрватска на делба на првото место во групата Б, откако „црвената фурија“ го доби вечерашниот дуел против Исланд со резултат 32-25. Исланѓаните одлично им парираа на Хрватите во првото коло, но вечерва беа надиграни од актуелниот европски шампион, кој и без да одигра стопроцентно го контролираше темпото и резултатот, не дозволувајќи победата да му биде доведена во прашање.

Шпанскиот состав стартуваше со почетно водство од 2-0, потоа и од 3-1. Исланд се врати само накратко, до средината на првото полувреме, парирајќи до 9-8. Тогаш актуелните европски шампиони постигнаа три гола во серија, резултатски одлепувајќи се во однос на противникот. На одмор се замина со резултат 19-14, а исландските ракометари се разбудија по 40. минута, кога користејќи ги неколкуте интервенции на Густавсон за да се приближат на 27-24 на десет минути пред крајот, не користејќи и шанса за контранапад и дополнително намалување на негативата.

Серијата на Исланд ја прекина Сармиенто, во следниот напад Шпанците украдоа топка и погодија од контранапад, а кога во 55. минута Сармиенто постигна уште еден гол за водство од 30-24, јасно беше дека победникот е решен. Остатокот од мечот „фуријата“ го мина во мирна игра, рутински одржувајќи ја предноста до конечните 32-25.

Соле со пет и Гомез со четири гола беше најефикасни кај „црвената фурија“, додека први стрелци на Исланѓаните беа Палмарсон и Гудмундсон со по пет погодоци.

Се вчитува...