Историјата продолжува: Коке потпиша нов договор со Атлетико Мадрид

Атлетико Мадрид успеа да осигура уште еден значаен потпис, откако денеска нов договор со поранешниот шпански првак потпиша капитенот Коке.

Овој 32-годишен играч за врска имаше договор до крајот на сезонава, но двете страни се договорија за продолжување на соработката на уште една година, со клаузула за автоматско продолжување до 2026 ако Коке одигра одреден број на средби во наредната сезона.

„Историјата продолжува“, гласи насловот на видео-компилацијата со која Атлетико го официјализираше потписот на својот капитен.

„Да сакав, можев да си заминам многу пати. Имав бројни понуди низ годините, но моја желба секогаш беше да го носам дресот на Атлетико“, изјави Коке.

Овој фудбалер дебитираше за Атлетико Мадрид во 2009 година и оттогаш настапи на 626 средби за овој тим постигнувајќи 47 погодоци. Сезонава тој е најстандарден играч во тимот на Диего Симеоне, со 39 одиграни средби севкупно во сите натпреварувања.

Се вчитува...