Италија ја „торпедираше“ Србија сред Белград и осигура место на ЛОИ

Репрезентацијата на Италија по Словенија и Германија успеа да избори место на Летните олимписки игри откако го освои квалификацискиот турнир кој се одржа во Белград. Италијанците во финалето славеа над Србија со 95-102, а клучна за победата беше шутот зад линијата 6,75 од каде „аѕурите“ постигнаа 42 поени.

Избраниците на Сакети го наметнаа своето темпо од самиот почеток на натпреварот и брзо стигнаа до двоцифрена предност. Србија успеа да се врати во игра во втората четвртина, меѓутоа финишот на првото полувреме им припадна на Италијаните кои преку одличниот шут за три поени ја вратија комотната предност (45-57). Добриот ритам на Италија продолжи и во вториот дел од натпреварот во кој „аѕурите“ стигнаа и до предност од 20 поени која беше преголем залак за освојувачот на сребрениот медал на претходните ОИ.

Андјушиќ беше предводник на Србија со 27 поени, Филип Петрушев додаде 22 поени и 5 скока, додека Добриќ натпреварот го заврши со 17 поени. Кај Италија Манион броеше до 24, додека дабл-дабл учинок од 22 поени и 12 скока додаде Полонара.

Се вчитува...