Италијанските клубови со тимски тренинзи од 18 мај, но за еден позитивен – цел тим во карантин

Од почетокот на следната седмица италијанските калчолигаши ќе добијат дозвола за да имаат тимски тренинзи во клупските бази. Сепак, доколку се појави и еден позитивен фудбалер на Covid-19 – целиот тим ќе мора да замине во задолжителен 14-дневен карантин. Ова е протоколот кој ќе мора да го почитуваат клубовите од Серија А во текот на подготовките за продолжение од сезоната. Министерот за здравство на Италија, Роберто Сперанца, и министерот за спорт, Винченцо Спадафора, истакнаа дека владата ги попушта мерките, но и побараа максимална одговорност од клубовите при враќањето на тимските тренинзи.

„Од следната седмица клубовите ќе можат да одржуваат колективни тренинзи, но, сепак, под посебни мерки и строго пропишан протокол. Мора да напоменам дека ако се појави и еден позитивен фудбалер на Covid-19, целиот тим ќе мора да замине во карантин 14 дена“, истакна минстерот за спорт, Винченцо Спадафора.

Најголем дел од клубовите веќе тренираат, но со посебни мерки и големо растојание меѓу фудбалерите. Се употребуваат неколку игралишта од клупските тренинг – центри, а фудбалерите користат заштитни маски и се тушираат во домашни услови.

 

 

Се вчитува...