Италијанците измислуваат „топла вода“ наместо да ги копираат Германците

Фудбалската јавност во Италија ги критикуваше властите по последните информации околу условите под кои би можело да се даде зелено светло за натпреварување. Во центарот на вниманието се најде Сандра Зампа од Министерството за Здравство, која обелодени дека според протоколот што ќе биде предложен, евентуална појава на позитивен фудбалер на Ковид-19 во било кој од 20-те тимови ќе донесе автоматски прекин на сезоната.

„Нема сомнеж, ако има позитивен тест во клуб, се ќе биде запрено. Карантинот станува задолжителен и целата сезона ќе биде прекината. Да се сака фудбалот значи и да се грижите за луѓето кои играат“, истакна Зампа.

Бројни се критичарите на ваквиот став на италијанските власти, уште повеќе ако се земе во предвид дека Германија веќе излезе со протокол за продолжување на фудбалската сезона што според нив е многу попрактичен. Најгласен во критиките беше шефот за фудбалска медицина, Енрико Кастелачи.

„Ми изгледа како властите да не сакаат да продолжи фудбалот, па само прават драма за на крајот да ги откажат сите. Ако сакаа фудбал, немаше потреба да измислуваат топла вода, туку само да го ископираат протоколот на Бундес-лигата, кој е прифатлив за сите страни“, вели Професорот Кастелачи.

Според германскиот протокол, во случај на позитивен фудбалер откако ќе стартува сезоната, само тој фудбалер се сместува во карантин, а врз соиграчите и ривалите од последниот натпревар се вршат поинтензивни тестирања, за да се утврди дали вирусот е пренесен и врз некој од нив.

„Во ред е да ги затворите сите во тренинг-центрите 15 дена пред стартот на сезоната, но да не заборавиме дека фудбал ќе се игра околу два месеци. Не може на луѓето да не им дозволите два и пол месеци да не се сретнат со саканите, со семејствата. Да не заборавиме, кога ќе тргнат на гостување, значително се зголемува ризикот да налетате на заразено лице што асимптоматично го носи вирусот во себе. И што тогаш? Зарем поради таква случајност да запре целиот фудбал, само неколку недели по почнувањето“, предупредува Кастелачи.

Се вчитува...