Италија славеше со резултат 80-71 над Нигерија, триумф со кој „аѕурите“ обезбедија и пласман во четвртфиналето од Олимписките Игри во Токио. Пресудна се покажа цврстата одбрана што италијанскиот состав ја одигра во последната четвртина, кога на противникот му беа дозволени само осум поени (во првите девет минути Италијаните примија само четири поени), доволно за да се направи пресврт и да се стигне до посакуваниот резултат.
„Аѕурите“ одлично го почнаа мечот добивајќи ја првата четвртина со 29-17, но Нигерија возврати со одлична одбрана во вториот период што африканската селекција го доби со 11-22. Африканската репрезентација беше подобра и во третата четвртина со 16-24, во последните десет минути влезе со „плус седум“, но Италијанците одиграа најдобро кога беше најважно, ја добија четвртата четвртина со преубедливи 24-8 и заслужено стигнаа до конечна победа.
Мели со 15 и Манион со 14 поени беа најефикасни во италијанскиот табор, додека кај Нигерија главен играч на денешниот меч беше Мету со дабл-дабл од 22 поени и 10 скокови.
Франција ја забележа и третата победа во групната фаза, овојпат против аутсајдерот Иран со убедливи 79-62. Селекторот Коле им даде шанса на сите кошаркари, а најефикасни кај „триколорите“ беа Ертел со 16 и Луваву со 12 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА