Иве Иванов долги години со успех го носеше дресот на Задар, но денеска тој ќе биде еден од главните адути на МЗТ Скопје во мајсторката за влез во АБА1 лигата. Хрватскиот интернационалец беше еден од неколкуте кошаркари кои потфрлија на вториот меч во Скопје, но тоа ќе биде само мотив повеќе за него на денешниот решавачки натпревар.
„Пропуштивме голема шанса, но се не е завршено. Еднаш победивме во Задар, зошто да не го сториме тоа и овој пат? Знаеме како да го сториме тоа, со паметна игра, без брзање, и со користење на секоја грешка на противникот“ – истакна Иванов, кој постигна 19 поени при премиерната победа во Задар.
Голема битка го очекува и тренерот Ѓорѓи Кочов, кој на последниот натпревар беше надмудрен од страна на Анте Назор, откако Дашиќ почна да ги чува плејмејкерите на МЗТ и на тој начин ги исфрли од ритам Медфорд и Магдевски.
„Одигравме два израмнети и цврсти натпревари против Задар, можевме во Скопје да го решиме прашањето околу влезот во АБА1, но за жал не успеавме да го крунисаме она за што работевме цела година. Ако се земат во предвид ростерите, Задар е апсолутен фаворит, но ние веќе покажавме дека можеме да се носиме со овој ривал. Верувам дека со правилен пристап и со почитување на она што ќе го договориме, ќе можеме да дојдеме до толку посакуваната победа“ – истакна Кочов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА