Избега ли доскорешниот тренер на Динамо во Дубаи за да не лежи затвор?

Доскорешниот тренер на загрепски Динамо, Зоран Мамиќ, брат на контроверзниот Здравко требало да се врати во петокот во Загреб, ама од него ни трага, ни глас после заминувањето во Дубаи во Обединетите Арапски Емирати кон крајот на минатиот месец.

„Ќе дојде идната недела“, рекол адвокатот на Мамиќ, Мијо Голуб.

Сепак, адвокатот после заминувањето на Мамиќ за Дубаи, имаше сосема друга изјава, објавуваат хрватските медиуми.

„Замина за Дубаи и тука нема ништо спорно, мислам дека има повратен билет за 2 април. Зоран е наш граѓанин, ги има сите права како и нас. Од пресудата не е поминат ни еден месец, а тој мора некои работи да ги заврши и да се подготви, сепак таму работеше неколку години, станува збор за заеми, одјава на телефони, некои посебни полномоштва … Такви работи не може да реши од Хрватска“, рече тогаш Голуб.

Мамиќ беше осуден на четири години и осум месеци затвор, а пресудата после три години стана правосилна и сега го чека само решението кога да се појави на отслужување на казната и до тогаш е слободен да се шета. Тој најави дека планира да ја одлежи казната, за потоа да стане слободен човек. Неговиот брат Здравко, пак, уште пред донесувањето на првостепената пресуда избега во БиХ, а беше осуден на шест ипол години затвор.

Се вчитува...