Избор на Макфудбал: Најдобриот тим од 19. коло во ПМФЛ!

Првото пролетно коло во Првата македонска фудбалска лига стартуваше согласно очекувањата кои беа навестени и преку зимското „размрдување“ низ преодниот рок. Вардар и Шкендија стартуваа со победи, издвојувајќи ги повторно како главни кандидати во трката за шампионската титула. Јасно е дека за европски излез, покрај Академија Пандев, ќе се борат и Силекс и Шкупи, а Работнички со најновите промени во тимот тргна сериозно во битката за опстанок, со триумф во Струга.

ЕКИПА го издвојува најдобриот тим на 19. коло во Првата македонска фудбалска лига, согласно изборот на специјализираниот фудбалски портал МАКФУДБАЛ.МК:

1. КОСТАДИН ЗАХОВ (ШКЕНДИЈА)

Одличен на голот на тетовци. Не можеше ништо при погодокот на домашните, но повеќе од заслужен за победата на Шкендија од 1-2 во дербито против Академија Пандев. Во последните секунди од средбата спречи сигурен погодок на „пандевци“ за израмнување.

2. АНГЕЛЧЕ ТИМОВСКИ (СИЛЕКС)

Одличен на десната дефанзивна позиција, со активна улога и на средината од теренот каде се кршеше резултатот на мечот во Тетово.

3. ДРАШКО ЃОРЃЕВИЌ (РАБОТНИЧКИ)

Сигурен, цврст во одбраната на „романтичарите“ која заврши одлична работа за гостинска победа од 0-1 против Струга ТЛ.

4. РЕИС ЖУНИОР (ВАРДАР)

Уште една квалитетна партија за левокрилниот дефанзивец на Вардар кој продолжува со формата од есенскиот дел. Стрелец и на гол во триумфот против Македонија ЃП од 3-1.

5. МУАРЕМ БАЈРАМИ (ШКУПИ)

Еден од позабележителните во составот на Шкупи. Искусниот Бајрами максимално активен и со средниот ред, со погодок партиципирајќи во победата од 2-0 против Борец.

6. АРМЕНД АЛИМИ (ШКЕНДИЈА)

Една од клучните фигури во победата на тетовци на дербито во Струмица. Постигна и убав погодок со кој се најави пресвртот на Шкендија.

7. БУРХАН МУСТАФОВ (СИЛЕКС)

Творецот на победата на Силекс. Го постигна единствениот гол на мечот против Ренова во Тетово, вреден три бода. И тоа на извонреден начин со прекрасен волеј-удар од 25 метри.

8. АГИМ ИБРАИМИ (ШКЕНДИЈА)

Најдобриот поединец во триумфот на Шкендија против Академија Пандев. Асистираше за првиот погодок, а стрелец од пенал на победничкиот гол.

9. ДАВИД ТОШЕВСКИ (РАБОТНИЧКИ)

Стрелец на победничкиот гол за „романтичарите“ во Струга. Уште еднаш потврди дека се работи за огромен потенцијал во составот на Работнички.

10. МАТЕЈ ЦВЕТАНОВСКИ (ВАРДАР)

Најдобриот на терен во триумфот на Вардар против Македонија ЃП од 3-1. Запиша асистенција и погодок за почетна пролетна победа на црвено-црните.

11. ЏЕМАЛ ИБИШИ (ВАРДАР)

Огромен потенцијал во црвено-црниот дрес. Максимално активен во нападот, стрелец на еден од погодоците во победата на Вардар.

Се вчитува...