Изненадување: Борнмут го отпушти тренерот што обезбеди опстанок во Премиер-лигата

Управата на Борнмут изненадувачки се реши да му врачи отказ на Гери О’Нил, нецел месец откако овој тренер успеа да му помогне на клубот да опстане во Премиер-лигата.

Борнмут го доведе О’Нил на менаџерското место заменувајќи го Скот Паркер по катастрофалниот старт на сезоната, вклучувајќи и пораз од 9-0 на гостувањето од Ливерпул. Тој успеа да го стабилизира тимот, во меѓувреме зеде неколку скалпови на фаворити и обезбеди опстанок во елитното друштво, но и тоа не беше доволно да остане на чело на Борнмут и за наредната натпреварувачка сезона.

„Можеме да потврдиме дека донесовме одлука за разделба од тренерот Гери О’Нил. Тој си заминува од клубот откако ја водеше екипата на 37 натпревари минатата сезона, најпрвин како привремен тренер а потоа и како перманентно решение од ноември 2022 година. Ова беше тешка одлука, но веруваме дека клубот ќе продолжи да се развива. Во најскоро време ќе биде објавено името на новиот тренер“, објави Борнмут.

Се вчитува...