Изненадување: Ралф Рангник е наследникот на Солскјер во Манчестер Јунајтед

Германскиот стратег Ралф Рангник ќе го наследи Оле Гунар Солскјер на менаџерската функција во Манчестер Јунајтед. Информацијата прв ја објави британскиот портал „Атлетик“, а потоа ја пренесоа поголемиот број од англиските весници, тврдејќи дека работата е речиси завршена и дека Рангник ги договорил условите со раководството на клубот.

Според договорот, 63-годишниот стручњак ќе го води Манчестер Јунајтед до крајот на сезонава, по што ќе добие констултантска улога во управата на „црвените ѓаволи“. Рангник во изминатите месеци ја извршуваше функцијата на технички директор во Локомотив Москва, па се чека уште зелено светсло од рускиот тим за Јунајтед да може и официјално да го промовира Германецот за наследник на Солскјер. Целата документација нема да биде комплетирана навреме за тој да може да го води тимот на дуелот со Челси викендов, на кој Мајкл Карик повторно ќе биде задолжен за селекција и водење на екипата на „Стемфорд бриџ“.

Рангник како тренер има водено неколку германски клубови (Хановер, Шалке, Хофенхајм и Лајпциг), но последните фудбалски ангажмани му беа како директор, пред Локомотив тој беше оперативец и во Салцбург и во Лајпциг. Во последните месеци од договорот со Лајпциг овој стручњак се имаше договорено со управата на Милан на крајот од сезоната да стане тренер на „росонерите“, но италијанскиот гигант во последен момент се премисли, по одличните резултати што тимот ги бележеше под водство на Стефано Пиоли.

Краткорочниот ангажман на Ралф Рангник уште повеќе ги зголемува шпекулациите дека за прв избор на управата на Јунајтед важи Маурицио Покетино, кој на крајот од сезонава би си заминал од ПСЖ за да се врати назад во Премиер-лигата.

Се вчитува...