Јанески и Зивчевиќ го предводеа Куманово до значајна победа против Чаир 2030

Куманово стави крај на серијата од четири порази едно по друго во Првата кошаркарска лига откако во 12. коло славеше на гостувањето кај Чаир 2030 со 86-91. Кумановци успеаја двоцифрената негатива од третата четвртина да ја претворат во победа со подобра игра во одбраната.

Отварањето на натпреварот беше во знакот на Куманово кој отвори со серија од 2-13, но тогаш на сцена на чаирчарни настапија Френклин и Мохамед кои се погрижија домаќинот не само да ја стигне негативата, туку и да поведе со 28-18 по 10. минути игра. Високиот ритам на двата тима продолжи до полувремето, Чаир умешно ја одржуваше предноста која во еден момент изнесуваше 40-30, но финишот на првите 20. минути им припаднаа на кумановци кои намалија на 48-42.

Чаир 2030 преку Френклин, Реџа и Мохамед успеа да стигне до највисоките 56-42 уште во воведот на второто полувреме, но како што одминуваа минутите гостите успеаја да го наметнат својот ритам. Зивчевиќ и Јанески погодуваа за „сино-белите“, нив им се приклучи и Нацевски веќе до крајот на третата четвртина гостите ја вратија негативата од еден напад (66-64). Добриот ритам на избраниците на Ѓорѓиевски продолжи и во последните десет минти во кои преку новите засилувања гостите стигнаа и до предност од 75-82, а и покрај тоа што имаа можност и за зголемување на позитивата не успеаја во своите обиди па следеше казна од домаќинот. Чаирчани влегоа во серија со која ја вратија едноцифрената негатива (81-82), а неизвесниот меч траеше до последните секунди. При резултат 86-87 на 20 секунди пред крајот, Мохамед имаше шанса да донесе водство, но откако го промаши обидот мирната рака на Џојнер и Јанески донесе победа.

Со дабл-дабл од 26 поени и 10 скока лидер на Чаир 2030 беше Мохамед, додека него го следеше Френклин со 17 поени и 8 скока. 29 поени и 13 скока за Куманово постигна Јанески, додека со 22 поени него го следеше Зивчевиќ.

Се вчитува...