Јаневски: Ќе го задржиме најдоброто и ќе донесеме нови засилувања

Македонскиот првак Вардар ќе презими на второто место на табелата во Првата лига, со осум бода негатива во однос на Шкендија, со која ќе се сретне и во четвртфиналето на Купот. Сега „црвено-црните“ заминаа на заслужен одмор, а стручниот штаб и раководството на клубот ќе се обидат да доведат нови засилувања.

„Ќе седнеме, ќе разговараме сите во клубот и ќе видиме што е потребно за вториот дел од сезоната. Има и некои млади играчи кои полека доаѓаат во првиот тим. Низ овој есенски дел никој не очекуваше можеби Тодороски да одигра толку натпревари, Стојчевски исто така имаше солидна минутажа. Ќе направиме се да се задржи најдоброто во моментов, и да бидат донесени вистински засилувања. Мора да напоменам дека во зимскиот преоден рок не само за Вардар, туку и за сите екипи е тежок период, затоа што во тој момент ретко на кои играчи им истекуваат договорите и се слободни, односно на речиси сите фудбалери им истекуваат договорите по завршувањето на сезоната. Но, ќе видиме што е неопходно и ќе го засилиме тимот за последните два круга од првенството“, вели Јаневски за официјалниот сајт на клубот.

Шефот на стручниот штаб ги анализираше и резултатите во изминатиот период.

„Од кога јас сум дојден како тренер на Вардар, сметам дека за мене ова ќе беше перфектна полусезона доколку имавме уште една победа плус во првенството, односно еден пораз помалку и да заостанувавме пет бодови од првото место. Сега заостануваме осум бодови, тоа е голема разлика, но има уште 54 поени за освојување во вториот дел од првенството. Доколку имавме една победа плус би бил супер задоволен, но и вака сум задоволен затоа што не беше лесно да се игра на три фронта, и тоа прв пат еден македонски тим се соочи со тој предизвик. Мора да бидеме задоволни и да мислиме за вториот дел од сезоната, да се подготвиме добро и да атакуваме на успех и во првенството и во Купот“, додава Јаневски.

Се вчитува...