Јани Атанасов заминува од Бурсаспор

Македонскиот младински репрезентативец Јани Атанасов го напушта турскиот прволигаш Бурсаспор. Тој на Инстаграм се збогува со навивачите на клубот и ги објасни причините за заминување – малата минутажа која ја добива во тимот.

„Пред да дојдам во Бурса играв пред најмногу петстотини гледачи во Македонија, а кога дојдов се импресионирав од атмосферата кога првпат стапнав на „Крокодил Арена“. Дојдов и го избрав овој клуб по препорака на менаџерите кои се грижат за мојата кариера, но за жал си заминувам, после советите од менаџерите.

Немаше позитивен пристап од тренерот уште од првиот ден. Постојано бев надвор од А-тимот, а кога ќе прашав што треба да направам за да се поправам, не добивав одговор. И за време на мојот претстој имаше проблеми, како спортски, така и економски. Јас ја засакав Бурса, градот, навивачите, клубот од првиот ден кога дојдов. Играв од љубов, се борев, но дојде време за разделба. За мене ќе бидете најдобрите навивачи.

Сакам да им се заблагодарам на сите соиграчи со кои досега играв, тие ми се како браќа, ги сакам сите и им посакувам многу успеси во животот. Убеден сум дека Бурса ќе ја вратите каде што заслужува.
Си одам од Бурса со крената глава“, објави Атанасов.

Се вчитува...