Јапонски „крал“, ривал на Трајковски за место во тимот на Мајорка

Александар Трајковски го чека тешка битка за првотимски статус во Мајорка откако шпанскиот прволигаш денеска ја комплетираше позајмицата на Такефуса Кубо од Реал Мадрид. Јапонскиот тинејџер импресионираше со фантастични игри во дресот на Реал во текот на летната турнеа, но поради преголема конкуренција во тимот Зинедин Зидан дозволи тој да замине на едногодишна позајмица во клуб каде повеќе би играл.

Станува збор за играч кој настапува на позицијата полушпиц, добро се снаоѓа и на крилните позиции, што го прави директен ривал на Трајковски за место во првиот тим на Мајорка. Во игра за негов потпис беше и Валјадолид, но Кубо на крајот самиот ја избра Мајорка за следна дестинација во својата кариера.

Мајорка ја почна сезоната со домашна победа против Еибар од 2-1, меч на кој македонскиот репрезентативец влезе во игра во второто полувреме. Тимот на Трајковски и во второто коло е домаќин, в недела ќе го пречека составот на Реал Сосиедад.

Се вчитува...