Јапонците изненадија, ама Белгија се врати како феникс за четвртфинале со Бразил

Белгија се врати од „мртвите“ и успеа да слави против селекцијата на Јапонија со 3-2 во неверојатно возбудливото осминафинале на „Ростов Арена“. Јапонците изненадија и поведоа со 0-2, но Белгија се врати како феникс и за половина час, на ѓаволски начин,  успеа да победи со 3-2. Сите пет гола беа постигнати во второто полувреме.

По еден брз противнапад, Харагучи во 48.минута успеа да го совлада Тибо Куртоа, а само четири минути подоцна Инуи испрати проектил за 0-2. Белгијците беа во шок, но селекторот Роберто Мартинез направи две брзи замени и проработе неговиот тим. Ја искористи слабата точка на Јапонците, ниските одбранбени фудбалери.

Јан Вертонген постигна среќен гол со глава во 69.минута, а пет минути подоцна нововлезениот Маруан Фелаини израмни на 2-2. Во продолжението, шанси имаа и Азар и Лукаку, но јапонскиот голман Кавашима правеше чуда.

И, во последните моменти од судиското продолжение, еден противнапад како молња на Белгијците, во гол го претвори Насер Чадли, кој исто така влезе во вториот дел, по реакцијата на селекторот Роберто Мартинез.

Белгијците во четвртфиналето ќе ги одмерат силите со селекцијата на Бразил.

Се вчитува...