Ергин Атаман имаше причина за задоволство откако Панатинаикос славеше над Макаби и израмни на 1-1 во оваа четвртфинална евролигашка серија, но по мечот дојде до инцидент на патот кон соблекувалната откако лица кои се дел од израелскиот гигант јавно му се заканувале на турскиот стратег.
„Видете што ми се случи… додека одев кон соблекувалната некој од таборот на Макаби, не знам кој бидејќи немаше акредитација, ми се закани: Ќе видиш што ќе ти се случи во Израел. Еј, јас сум Ергин Атаман, тренер на Панатинаикос и селектор на турската репрезентација. Јас сум турски државјанин, ништо не ми можете“, порача трофејниот стручњак.
Потоа, тој го изрази и разочарувањето од односот на Евролигата кон него откако неколку часа пред натпреварот беше објавено дека се покренува дисциплинска постапка против Атаман за неговиот однос и изјавите дадени по првиот меч со Макаби.
„Многу ми е чудно што извонредна организација како Евролигата, која секогаш ја штитам, издава соопштение за мене како го нарушувам нејзиниот углед. Ако направам нешто погрешно, ако зборувам за судиите, постои правилник – казнете ме. Зошто на ваков начин, па јас не сум било кој. Имам два пехара од оваа лига, водам над 300 средби од Евролигата. И не сум глупав“, изјави Ергин Атаман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА