Денвер славеше на гостувањето во Филаделфија со 110-114, во пресметката на двајцата најдоминантни центри во НБА-лигата, Џоел Ембид и Никола Јокиќ.
Ембид беше поефикасен, реализирајќи 34 поени и девет скокови, но Јокиќ на крајот се радуваше на победата. Србинот стигна до дабл-дабл од 22 поени, 13 скокови, надополнети со осум асистенции, давајќи значаен придонес во големиот камбек на Денвер. Имено, нагетс пред крајот на втората четвртина имаше негатива од 19 поени (54-35), но Јокиќ и соиграчите успеаја да се вратат и да стигнат до 41. победа во сезоната.
Карл Ентони Таунс од Минесота имаше ноќ за паметење на дуелот со Сан Антонио, на кој Таунс стигна до фантастични 60 поени, надополнети со 17 скокови. Ова е рекорд за најмногу поени од еден играч сезонава во НБА, а Таунс го урна и рекордот за најефикасен меч на кошаркар на Минесота, подобрувајќи го сопственото достигнување од 2018 година кога постигна 56 поени. Покрај тоа, Таунс постигна 32 поени во третата четвртина, најдобар скор во еден период во последните шест години од НБА-лигата.
Резултатската криза на ЛА Лејкерс се продлабочи по последниот пораз на домашен терен од Торонто, со 103-114. Пресудна се покажа првата четвртина што лејкерси ја загубија со убедливи 12-33, негатива од која не успеаја да се вратат до самиот крај на мечот. Леброн Џејмс постигна 30 поени, но немаше соодветна помош од соиграчите, па „езерџиите“ го загубија и четвртиот меч од последните пет одиграни во НБА-лигата.
Резултати НБА:
Кливленд – ЛА Клиперс 120-111 (по прод.), Атланта – Портланд 122-113, Филаделфија – Денвер 110-114, Оклахома – Шарлот 116-134, Сан Антонио – Минесота 139-149, Голден Стејт – Вашингтон 126-112, Сакраменто – Чикаго 112-103, Јута- Милвоки 111-117, ЛА Лејкерс – Торонто 103-114.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА