Денвер нагетс конечно заигра како што му доликува на лидерот на Западната конференција, славејќи на гостувањето против Детроит со 100-119 и прекинувајќи ја серијата од четири порази во НБА-лигата. Натпреварот долго беше израмнет и неизвесен, но Денвер успеа да се одлепи во второто полувреме со серија од 33-6 и да си го трасира патот до победата.
Со овој триумф Денвер и официјално си го осигура пласманот во плејофот, а најзаслужен очекувано беше Никола Јокиќ. Српскиот центар погоди 14 шута од вкупно 18 упатените кон противничкиот кош, завршувајќи го натпреварот со 30 поени, 10 скокови и девет асистенции.
Феникс по голема борба го совлада тимот на Орландо со 116-113. Кевин Дурант се уште не е „фит“ по најновата повреда, но затоа „сонцата“ одиграа исклучителен колективен меч, па најефикасни во нивниот табор беа Букер со 19 и Пејн со 18 поени, додека Окоџи беше херој со клучната блокада во самиот финиш, за прекин на серијата од три порази на Феникс.
Милвоки неочекувано загуби на домашен терен од Индијана со 123-139, но бакси остануваат на првото место на Источната конференција. Адетокумбо беше најефикасен и на овој натпревар со 25 поени, а еден помалку кај Индијана постигна Нембхарт.
Резултати НБА:
Детроит – Денвер 100-119, Бруклин – Сакраменто 96-101, Торонто – Оклахома 128-111, Милвоки – Индијана 123-139, Феникс – Орландо 116-113.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА