Јокиќ: Се надевам на лето без стрес, со фамилијата и коњите

Никола Јокиќ и неговиот Денвер настапот во годинашниот плеј-оф на НБА лигата го завршија во првата рунда на западот каде беа елиминирани од страна на Голден Стејт со 4-1. Српскиот интернационалец одигра фантастична серија, но ја немаше потребната поддршка од соиграчите за повторување на успехот од последните три сезони во кои тимот од Колорадо два пати стигна до конференциското полуфинале и еднаш во финалето.

По завршување на серијата Јокиќ имаше интересна изјава за медиумите во која покрај осврнувањето на сезоната, говореше и за претстојното лето.

„На почетокот на сезоната реков дека имаме што имаме и не смееме да размислуваме за тоа кој ќе се врати, а кој не. Луѓето го забораваат и Пи-Џеј кој е многу важен играч на овој тим. Тој го познава системот, може да брани повеќе позиции во одбраната и да ја води топката. Да, најмногу ни недостасуваа Мареј и Портер, но ни недостасуваше и Дозир. Не знам што можевме да направиме доколку сите бевме здрави. Гледате дека се формираат „супертимови“ кои немаат успех. Ние го имаме тоа што е потребно, но прашање е дали ќе се вклопиме да функционираме заедно, а тоа не може да го знаеме додека не почнеме да играме“, изјави Јокиќ кој потоа продолжи и за одморот кој следи:

„Сакам да бидам со својата фамилија, со пријателите и коњите, да се опуштам. Се надевам дека ќе имам лето без стрес и дека ќе се вратам подготвен за сезоната“.

Актуелниот МВП повторно е во игра за престижната награда, но истата не е во фокусот на Србинот…

„Никогаш не сум сонувал за тоа. Ако се случи, се случи. Тоа е голем работа, се разбира. Таа ќе значи за моето потомство, моето име секогаш ќе биде тука. Но, ако не ја добијам нема да умрам. Ќе продолжам да играм и да се обидувам да играм на вистинскиот начин како што правев во текот на целиот живот“, додаде центарот на Денер.

Се вчитува...