Јокиќ се налути, Денвер го возврати ударот

Никола Јокиќ ги презеде работите во свои раце, предводејќи го Денвер до убедлива победа од 128-109 на вториот дуел со Портланд, со што нагетс израмнија на 1-1 во оваа плејоф-серија од Западната конференција. Денвер неочекувано го загуби првиот дуел во серијата, што беше само мотив повеќе за Јокиќ да не дозволи никакво изненадување на синоќешниот меч. Србинот играше фантастично, постигнувајќи 38 поени со шут за два 13/16. Воедно, Јокиќ, успеа да го исфрли Нуркиќ со шест лични грешки, а му создаваше многу проблеми и на Кантер во борбата под обрачите.

Извонреден кај Портланд беше Лилард, кој само во првото полувреме постигна 32 поени, но Денвер успеа да го запре на само десет во вториот дел, што беше доволно за нагетс да се радуваат на својот премиерен триумф во плејофот оваа сезона.

Милвоки многу полесно отколку на првиот меч славеше над Мајами со 132-98, резултат со кој бакс сега се наоѓаат на чекор до втората рунда во плејофот. Победникот беше решен уште во првата четвртина што Милвоки со неверојатно издание во нападот ја доби со 46-20, по што домаќините немаа проблеми да го контролираат резултатот до самиот крај.

Адетокумбо беше предводник на Милвоки со 31 поен и 13 скокови, Форбс постигна 22 поени за победничкиот тим, додека прв стрелец на Мајами во синоќешното фијаско беше Дедмон со 19 поени. Целосно потфрли најдобриот гостински кошаркар Џими Батлер, кој го заврши мечот со само десет постигнати поени.

Се вчитува...