Јончевски: Мораме да ја вратиме позитивната енергија што ја красеше кошаркарската репрезентација

Кошаркарската репрезентација на Македонија денеска го има првиот собир под водство на новиот селектор Александар Јончевски, со што „црвено-жолтите“ ги стартуваат претквалификациите за Евробаскет 2025.

Новиот селектор е свесен за сериозноста на предизвикот по серијата слаби игри и резултати во мундијалските квалификации, но Јончевски е оптимист дека ќе успее да го врати победничкиот дух во националниот тим. 

„Да се биде селектор е чест, но и голема одговорност да се предводи овој тим во квалификациите за Европското првенство. Се надевам дека ќе успееме да направиме една позитивна атмосфера и енергија, нешто што ја красеше оваа репрезентација со години наназад и една атмосфера која го донесе најголемиот успех во 2011 година на ЕП. Нормално, пласман на едно ЕП по пауза од десет години би бил успех за оваа репрезентација. Се надевам дека ќе успееме да внесеме една добра енергија и можам да ветам дека ќе бидеме подготвени за било што во однос на противниците“, изјави Алек Јончевски.

Првата фаза од подготовките ќе биде реализирана во Маврово, а нашите најдобри кошаркари на 25 август ќе ги стартуваат претквалификациите со гостување во Данска, по што ќе следи и домашен натпревар против Словачка.

Процесот на подмладување под водство на Бајиќ не мина најдобро, но Јончевски продолжува со повикување на дел од помладите кошаркари во националниот тим.

„Години наназад ги пратам сите селекции на репрезентацијата на Македонија, овој пат повик добија Пандев, Миловановиќ и Савиќевиќ, играчи кои заслужија еден ваков потег и се ќе зависи од нив дали ќе останат во ростерот од 12 играчи кој и понатаму ќе се натпреварува. Оние кои добиле повик во минатото, а не сега, сакам да потенцирам дека не сме се откажале од нив, дека го пратиме нивниот развој и дека во иднина ќе сметаме на нив“, вели новиот селектор.

Се вчитува...